Украина го одбележува Денот на независноста

by fokus

Украина денеска ќе го прослави својот национален празник и шест месеци од почетокот на руската инвазија, јави ДПА.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова е важен ден за Украинците и за нивниот непријател. Шефот на украинската држава ја предупреди јавноста да ги почитува безбедносните мерки и да не го нарушува полицискиот час со оглед на можноста од руски удари.

Тој додаде дека има намера на денешниот Ден на независноста, кога Украина ја одбележува 31-годишнината од нејзиното одвојување од Советскиот Сојуз, да им оддаде почит на Украинците кои придонеле за силата на својата татковина.

„Планиравме многу настани – нешто за да го истакнеме патот што го поминавме. По кој патувавме заедно – Украинците во Украина, на сите наши територии – и слободни и привремено окупирани, бидејќи нашиот народ се бори насекаде“, рече синоќа Зеленски.

САД, исто така, предупредија пред празникот дека Русија може да ја искористи годишнината за да изврши жестоки напади врз украинската цивилна инфраструктура и владините објекти. Вашингтон ги повика своите граѓани кои се уште се во Украина да ja напуштат таа држава.

Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН Ричард Милс вчера упати конкретно предупредување до Русија во Советот за безбедност на ОН дека „се приближува денот на независноста на Украина, а светот гледа“.

„Ние дури и не треба да го кажуваме ова: ве молиме не бомбардирајте училишта, болници, сиропиталишта и станбени домови“, рече тој. „Ќе продолжиме да бараме одговорност за секое прекршување на меѓународното право“.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Поврзани новости