Украина, како најмлад кандидат за членка на Европската унија, ги турка сите други земји кон европска интеграција, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ, на кој ќе се отвори дискусија за новата европска стратегија.
-Украина стана кандидат, доаѓа последна и ги турка сите што чекаа претходно. Значи, почнува да се движи и да се движи побрзо. Добро е да се има цел, да се има хоризонт, но нема точен датум. Ако немаме хоризонт, луѓето ќе мислат дека има време, но ние немаме време. Изгубивме многу време во процесот на проширување – вели Борел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, рече дека секој има задачи за исполнување за да се стигне до членството на земјите кандидати.
-Се разбира, земјите кандидати имаат домашна задача за влез во ЕУ, но и ние како ЕУ имаме домашна задача. Комисијата ќе работи на прегледување на различни политики во различни области за да се осигура дека сме подготвени за проширување – рече Фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, порача дека ЕУ треба да се подготви.
-Важна дебата, проширувањето значи дека земјите кандидати имаат реформи да спроведат и знаат што треба да направат и од наша страна, како ЕУ, треба да се подготвиме и ова е прв пат по многу години да имате дебата на толку високо ниво со таква основна тема и проблематика – изјави Мишел.