Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека Украина ги прекинала мировните преговори со Русија по наредба на САД, додека Русија е подготвена да продолжи, пренесе руската агенција ТАСС.
„Овие разговори се замрзнати, стопирани, прекинати“, рече Захарова на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
„Самите Украинци нека кажат што направија со овие разговори. Ние добро го знаеме тоа бидејќи ги имаме информациите што ги дале Американците“, додаде таа.
Захарова рече дека Киев и натаму не реагира на одговорот на Русија во врска со предлогот на Украина за решавање на ситуацијата во земјата. Захарова, исто така, кажа дека Украина е таа што барала разговори, а Русија се согласила со предлогот.
„После тоа, властите во Киев почнаа да предлагаат различни услови за преговори. Видовме многу работи, локацијата им беше проблем, делегацијата им беше проблем…“, нагласи Захарова, а пренесува ТАСС.
Во моментот преговорите меѓу Русија и Украина се ставени на пауза.