Речиси десет илјади луѓе ги напуштија своите домови во регионот Харков, во североисточна Украина, по копнениот напад на руските сили.
„Вкупно 9.907 луѓе се евакуирани“, рече гувернерот Олег Синегубов, повеќе од една недела по започнувањето на руската офанзива, за која украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека може да биде само првиот бран на поширока офанзива.
Синегубов рече дека украинските вооружени сили одбиле два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта.
Но, како што додаде, ситуацијата е „под контрола“.
Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.
Руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија помеѓу 9 и 15 мај, што е нивен најголем напредок од крајот на 2022 година, објави Франс прес, цитирајќи податоци од Институтот за проучување на војната.