На твитер профилот на Украинската амбасада во Македонија се појави порака со која се повикува на регистрација во Меѓународната легија и за тоа оставени се детали за контакт со одговорни лица од амбасадата. Според Кривичниот законик на Македонија секој што организира, регрутира и повикува на учество во странска војска прави кривично дело. На потег е министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи.
Според Кривичниот законик на Македонија тој што спротивно на закон „создава, организира, регрутира, превезува организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија ќе се казни затвор од најмалку пет години (член 322 – а). Во истиот член пишува дека „државјанин на Република Македонија кој спротивно на овој закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија ќе се казни со затвор од најмалку четири години“. И тој што повикува или врбува или поттикнува друг на извршување на делата ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
Пред 10 дена парламентот на Латвија донесе амандман со кој им се овозможува на нивните граѓани да станат дел од воените формации во Украина откако прво ќе се регистираат во резервниот состав на Латвија.