Украина бара од Турција да го затвори преминот преку Босфор за руските воени бродови

by fokus

Украина упати официјално барање до Турција да ги затвори теснецот Босфор и Дарданелите за руските воени бродови.

Ова денеска го изјави вонредниот и ополномоштен амбасадор на Украина во Турција, Васил Боднар, во Амбасадата на Украина во Анкара, јави украинската агенција Укринформ.

– Сега е најважно да се поддржи Украина. Го повикувам турскиот народ и турските власти да и помогнат на Украина. Повикуваме да се затвори воздушниот простор, да се затвори преминот преку Босфор и Дарданелите за руските воени бродови. Официјално барање е испратено до турската страна, рече Боднар.

Амбасадорот информираше за најновата ситуација во Украина и за дејствијата на Русија во услови на воена агресија врз Украина, воведување воена состојба во земјата и цивилни жртви.

Украинскиот амбасадор повика и на санкции против Русија и нејзините средства во Турција, како и да се спречи Русија да заработува пари за војната.

– Воената поддршка за одбранбено оружје, финансиската и хуманитарна поддршка ни се важни. Повикувам да им помогнеме на оние украински граѓани кои моментално се на територијата на Турција и имаат потреба од дополнителна помош и заштита, рече Боднар.

Поврзани новости