Украина бара од Русија за 48 часа да ги објасни своите воени активности

by fokus

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба денеска изјави дека неговата земја побара од Русија во рок од 48 часа да ги објасни своите воени активности во областите во близина на границата со Украина.

Кулеба на Твитер напиша дека Киев официјално почнал механизам за намалување на ризикот во согласност со параграфот III од Виенскиот документ и побара од Москва да даде детални објаснувања за воените активности во областите во близина на територијата на Украина и Крим, пренесуваат агенциите.

Кулеба соопшти дека Русија има 48 часа да одговори.

„Во случај да нема одговор или ако тој е недоволен или небитен, Украина ќе се обрати кон Русија, како и кон другите потписнички на Виенскиот документ, со цел да одржи вонреден состанок на кој Русија ќе треба да даде објаснување“, напиша Кулеба.

Русија со недели наназад има распоредено над 100.000 свои војници во близина на украинската граница.

Москва тврди дека не планира инвазија, но бара гаранции од Западот дека НАТО нема да се прошири во Украина и кон другите поранешни советски републики.

 

Поврзани новости