Само македонските политикански пацери во оргазматичен занес продолжуваат со рефренот ,,ЕУ, ЕУ, ЕУ”! Оксиморонски повторуваат дека за неолибералната глобалистичка алтернатива нема алтернатива. Oко не им трепнува и мува не ги лази агендата за непожелниот македонизам. Како и за фактот дека конечното затворање на ,,Македонското прашање” го режираат оние што инфантилно ги нарекуваат “стратегиски партнери”.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Уште една украдена година од апашите облечени во власт. Нема ништо ново во хронично партизираната и криминализирана територија Мафијадонија. Ист филм со стари финти!
Претстојната 2025-та ќе продолжи како и до сега: непожелен ,,македонизам” во Европската унија! Invitis Macedonianismus in Unione Europaea!
Kонтиниум од долгорочната стратегија на неолибералниот евро-атлантизам, со подизведувачите од нашето опкружување конечно да го затворат ,,Македонското прашање”.
Перфиден политички проект на ЕУ под кодно име ,,The big reset”, во кој Македонците се третираат како проста маса, недоветни, без идентитет, историја и јазик.
Операција стокмена по уникатен рецепт од бајгањовска кујна: ,,Македонец” и ,,Македонист” се две различни нешта. Првиот поим означува етнички Бугарин, како што се Тракијците и Мизијците, а вториот е карактерна особина за ,,родоотстапник и ренегат од најдолен вид”.
ВАШИНГТОНСКИОТ КОНСЕНЗУС
По падот на Берлинскиот sид, почна процесот на Вашингтонскиот консензус, со кој Канада, Латинска Америка, источноевропските држави и Русија се согласија светот да се развива глобалистички според правилата на САД. Тие, пак, се обврзаа да бидат гарант за демократијата, слободата, владеењето на правото и просперитетот!
Сето тоа беше премногу убаво за да биде вистинито. По дваесетина години стана очигледно дека САД воопшто не ги тангира судбината на демократијата, која беше само прекрасен збор со кој се замаглуваше суштината дека цела Европа се развива за американски интереси.
Се покажа дека САД се централа на глобалниот либерален капитализам, односно Вашингтонскиот процес им служи на неоглобалистите и американската Демократска партија.
Дел од консензусот беше прифаќањето на членство во НАТО, што означуваше дека тие нема да се грижат кој ќе ги брани. Но, по Минхенската конференција во 2006 година, Русија прва се досети дека тој практично значи ограбување на Источна Европа од САД, а во извесен степен и од Велика Британија.
Се покажа дека меѓу 1990 и 2006 година Русија била жестоко ограбувана преку нејзините олигарси кои владееја со економијата, односно се потврди дека НАТО и ЕУ се организирале да ја уништат Русија. Затоа, Путин лека-полека почна да го напушта Вашингтонскиот консензус.
Неолибералниот консензус, кој кај нас се нарекува евроатлантизам е поделен на два дела, поврзани со американската Демократска партија. Едниот божем ја прифаќа европската идеја, а практично е длабоко корумпиран и поврзан со домашната и меѓународна мафија. Другиот, идеолошки се евроатлантисти, но само според начинот како ги разбираат Демократската партија и неолибералната идеологија.
,,МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ”
Незадоволството од неолиберализмот кое доаѓа од долу, ќе резултира првин ЕУ да престане да постои, барем во ваков формат, таа веќе станува нефункционална и вазал на САД, а НАТО ќе претрпи многу промени.
Униполарниот свет со неолиберални глобалистички идеали завршува. Веќе нема да тормози со ,,воспоставување” на демократии, џендер идеологии, мултикултуризам, заразени лилјаци, француски предлози, етика во која не постои разлика меѓу доброто и злото. Трамп, Путин и Си Џинпинг трасираат нов мултиполарен светски поредок!
Само македонските политикански пацери во оргазматичен занес продолжуваат со рефренот ,,ЕУ, ЕУ, ЕУ”! Оксиморонски повторуваат дека за неолибералната глобалистичка алтернатива нема алтернатива.
Oко не им трепнува и мува не ги лази агендата за непожелниот македонизам. Како и за фактот дека конечното затворање на ,,Македонското прашање” го режираат оние што инфантилно ги нарекуваат “стратегиски партнери”.
,,Блудницата Вавилонска” инсистира да бидат внесени 3.504 Бугари како ,,Тројански коњ” во Преамбулата на Уставот. Моделирани ,,Северномакедонци со Стокхолмски синдром”. Впрочем, бугарската доктрина од 1998 година предвидува дека до крајот на овој век ќе нема Македонци!
Верглањето се повтори и на декемврискиот самит на Советот на ЕУ за заеднички работи ,,ЕУ- Западен Балкан”, кој донесе космичко лицемерни заклучоци за проширување со Украина, Молдавија, Грузија и Турција и, разбира се, за субрегионот Западен Балкан.
Советот потсети дека Северна Македонија се’ уште не ги спровела уставните измени на кои се обврзала, кои се клучни за отворање на првиот преговарачки кластер.
За конечна операционализација на ,,македоноцидот” останува уште домашните политикански лузери да распишат садо-мазо референдумско прашање : Дали сте за ЕУ и САД, со право да се откажете од македонизмот?