Тетовската полиција од вчера работи на откривање на сторители на кражба на еден милион и триста илјади денари кои се одземени насилно од банкомат на ТТК банка во Тетово. Вчера во 5 часот во СВР Тетово пријавена е кражба во банкарска филијала на улица „Борис Кидрич“ во Тетово.
– Насилно била отворена влезната врата од објектот и од банкоматот биле одземени четири каси со пари. Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово. Се расчистува случајот, информираат од СВР Тетово.
За настанот соопштение до јавноста испрати и ТТК банка.
– ТТК Банка АД Скопје ја информира јавноста дека на 15 март 2021 година, веднаш по завршување на забраната за движење вон работното време на Банката, извршена е кражба на парични средства од банкомат лоциран во експозитурата АРМ во Тетово од непознат сторител. При кражбата одземени се околу 1,3 милион денари, соопштуваат од банката.
Потенцираат дека целиот имот и средства на Банката се претходно осигурени во функција на елиминирање на ризиците од ваков вид настани. МИА