Денес и будалите знаат дека бесплатен ручек нема, а уште помалку има бесплатно позајмени пари. Затоа, за нормален, домаќински човек, земањето пари на заем (кредит) не е причина за славење и фалење, туку е повод за загриженост и мотивација како позајмените пари најумно да се искористат за да „произведат“ нови вредности, односно пари.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Секој од нас, барем еднаш во животот, осознава дека времето е пари! Но, она што важи за економијата и животот, очигледно не важи и за политиката! Особено не во политиката и политичарите што се отуѓени и немаат ништо заедничко со животот и потребите на граѓаните. За нив времето е само мандат, кој треба да се искористи за задоволување на своите себични лични и партиски интереси.
Најголем доказ дека е тоа така е начинот на кој политичките (партиските) лидери ѝ приоѓаат на економијата и, особено, на прашањето на позајмувањето пари од домашните и од странските банки.
КОЈ ЌЕ ГИ ВРАЌА КРЕДИТИТЕ!?
Од осамостојувањето, па наваму, нема влада што не се задолжува. И тоа не е ништо лошо. Лошо е што позајмените пари главно се трошат ненаменски и завршуваат во бездна.
Нормален, домаќински човек, кога ќе земе пари на заем (кредит), прво што размислува и планира е како ќе најде начин кога и како ќе ги врати позајмените пари и, се разбира, каматата за нив.
Денес и будалите знаат дека бесплатен ручек нема, а уште помалку има бесплатно позајмени пари. Затоа за нормален, домаќински човек, земањето пари на заем (кредит) не е причина за славење и фалење, туку е повод за загриженост и мотивација како позајмените пари најумно да се искористат за да „произведат“ нови вредности, односно пари.
Проблемот е во тоа што така размислуваат нормалните, домаќински луѓе. Но, за жал, и кај нас, и во светот, политичарите не се нормални и, уште повеќе, домаќински луѓе. За нив единствено важно е со позајмените пари да купат ден повеќе на власт и, се разбира, сето она што власта го носи со себе.
Ниту на сон не им доаѓа прашањето и ,особено, одговорот на тоа кој ќе ги враќа позајмените пари (кредитите), со каматите за нив. Тоа за граѓаните не би требало да биде причина за страв, но за сериозен повод за загриженост затоа што токму тие и нивните поколенија се оние кои преку даноци и давачки кон државата ќе бидат присилени да ги вратат позајмените пари.
ЌЕ НЕМА КОЈ ДА РАБОТИ
За граѓаните во Република (Северна) Македонија, ова прашање се поставува со сета своја сериозност и трауматичност, од проста причина што демографските економски показатели за состојбите во економијата и општеството во идните триесетина години не се баш највесели.
Имено, според проекцијата на ОН за населението на Западен Балкан до 2050 година, произлегува дека бројот на граѓаните што живеат во „оваа држава“ ќе се намали околу 1.500.000 (и со зборови: еден милион и петстотини илјади жители).
Тоа е лош показател, но она што е уште полошо е фактот дека во тој број ќе се зголеми уделот на работонеспособното население – старите луѓе.
Бељата да биде уште поголема, намалувањето на уделот на работоспособното население во вкупниот број граѓани ќе биде проследено и со негативна (лоша) квалификациска структура на работоспособното население, кое има директен одраз на продуктивноста на трудот и конкурентноста на македонското стопанство во меѓународни рамки.
Како тоа ќе се одрази и какво влијание ќе има врз БДП и вкупно врз целокупната економска и репродуктивна способност на населението, државата и општеството, не е тешко да се претпостави.
Грубо кажано, уште сега е јасно дека „државата“ нема да може да ги сервисира и да ги враќа позајмените пари (кредитите). Таквата состојба уште повеќе ќе го забрза процесот на задолжување од една и распродажбата на националните ресурси од друга страна. Кога ќе се помине и таа фаза, ни останува само уште едно – да размислиме за тоа што правиме денес, за да утре веќе не биде доцна.
Се разбира, ако има кој да сака и да има со што да мисли!?