Укинат е притворот за шестмината осомничени за упадот во М-НАВ

by Fokus

Јавен обвинител до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска доставил предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за шест лица осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 – ти јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливост.

Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3 и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица.

По упадот во М-НАВ беа приведени четири лица меѓу кои и советникот на директорот на М-НАВ, Беким Незири на кои судот им одреди мерки на претпазливост, но по жалбата од Обвинителството, Кривичниот совет ги преименува во мерка куќен притвор. Петтоосомничениот беше приведен подоцна и нему му е определен 30-дневен притвор.

Упадот се случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски, на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува да почнат да поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Јавното обвинителство отвори истрага против осум лица кои се сомничат дека сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Поврзани новости