Укинат е притворот на преостанатите петмина обвинети во кривичната постапка што се водеше во врска со падот на настрешницата од зградата на Железничката станица во Нови Сад, Србија, на 1 ноември минатата година.
Апелациониот суд во Нови Сад одлучи дека тие треба да бидат во домашен притвор со електронски надзор и забрана за користење телефон, интернет и прием на посетители во траење од три месеци. Претходно, на крајот на мај, судот изрече забрана за напуштање на станот за уште четворица обвинети.
Вкупно 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво и инфраструктура Горан Весиќ, беа уапсени на крајот на ноември во врска со истрагата за уривањето на бетонската настрешница од Железничката станица и смртта на 16 лица.
Меѓу обвинетите се поранешната в.д. директорка на Железничката инфраструктура на Србија Јелена Танасковиќ, поранешната помошничка на Весиќ, Анита Димовски, и поранешниот генерален директор на Железничката инфраструктура на Србија – Небојша Шурлан.
Со исклучок на Горан Весиќ, сите други обвинети беа во притвор или во домашен притвор со месеци.
Обвинението поднесено на крајот од годината беше вратено од Вишиот суд за да се заврши истрагата.
Обвинетите се товарат за кривични дела против јавната безбедност и предизвикување јавна опасност.
Обвинението, исто така, ги товари неколку инженери, проектанти и лица одговорни за градежништво, контрола и надзор.
Трагедијата во Нови Сад предизвика протести на студенти и граѓани во градовите низ Србија, кои сè уште бараат правда на улиците и плоштадите.