Од ноќеска на полноќ е укинат полицискиот час на територија на целата држава. Одлуката донесена вчера, Владата ја објави во Службен весник пред полноќ, со што стапија на сила и другите мерки кои предвидуваат олеснување на рестрикциите поврзани со ширење на заразата со ковид-19.
Со последната владина одлука се укина работното време на угостителските објекти, а се дозволи организирање прослави и концерти и настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители.
Донесени се и измени на протколот за свадби кој предвидуваше максималниот број на гости да изнесува не повеќе од 100, а веселбата требаше да се пријави во угостителската комора.
За угостителките објекти сепак остана забраната за служење храна во затворениот дел од објектите.
„Се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите“, се наведува во соопштението од Владата.
Мерките се донесени по препорака на Комисијата за заразни болести и Главниот кризен штаб кои проценија дека епидемиолошката состојба во земјава е подобрена.