Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“.
Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.
Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.
Цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.
Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.
Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст.