Управата за јавни приходи, слично како и минатата година, на „мала врата“ им наметна обврска на физичките лица кои оствариле приход над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници. Рокот за регистрација истече пред три дена односно на 15-ти јануари.
Во однос на ова прашање минатата година се крена многу прав во стручната јавност за тоа дали има законска основа за оданочување со ДДВ на физичките лица. Во образложението, објавено на сајтот на УЈП, се вели дека даночни обврзници можат да бидат правни и физички лица кои вршат стопанска дејност.
„Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.“ – велат од Управа за јавни приходи.
ТВ Алсат