Управата за јавни приходи (УЈП) планира по електронски пат да издава пополнети Годишни даночни пријави на граѓаните за персонален данок од доход кои тие само ќе ги проверат и потпишат.
Со ова како што рече на прес-конференција директорката на даночната управа, Сања Лукаревска, се поедноставуваат процедурите. Спроведувањето на проектот ќе се реализира во повеќе фази.
Во првата фаза ќе се врши изготвување и поднесување електронска пресметка од фирмите исплатувачи, за исплата на приходите и за пресметка на персонален данок од доход, додека пак во втората фаза ќе се издава пополнета Годишна даночна пријава од УЈП за остварените приходи, пресметаниот и платениот персонален данок од доход на граѓаните кои ќе треба да ги потврдат.
Проектот за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок е финансиран од ЕУ ИПА фондовите во вредност од 93.730 евра и од Буџетот на РМ во вредност од 574.800 евра.