Граѓаните до крајот на оваа недела се очекува на своите сметки да го добијат повратот на ДДВ за скенираните фискални сметки за периодот април – јуни, соопшти попладнево Управата за јавни приходи (УЈП).
„Управата за јавни приходи подготви налози за исплата за близу 450 илјади граѓани, а денес на повеќето од нив веќе им се исплатени средствата. Исплатата продолжува и во наредните денови од оваа недела се до целосна реализација кон граѓаните кои имаат уреден запис за трансакциска сметка во самата апликација“,соопштија од УЈП.
Оттаму апелираат до граѓаните кои имаат грешен запис за трансакциска сметка или воопшто немаат запис за трансакциска сметка да ја внесат точно својата трансакциска сметка за да може да им биде извршен повратот на ДДВ.
Исплатата на средствата се реализира по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, потсетуваат од УЈП.