УХМР: Годинава октомври бил најтопол во изминативе 30 години

by fokus

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици октомври се карактеризира како нормален до топол и на повеќе места како сув месец во споредба со многугодишните просечни вредности. Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), средномесечната температура се движеше од 8,4 степени Целзиусови во Лазарополе до 16 степени во Гевгелија.

-Споредено со просечните октомвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период од 1981 до 2010 година, годинашната температура беше за 0,4 степени Целзиусови повисока на ниво на држава. Средната максимална температура варираше од 16,5 степени во Лазарополе до 24,2 степени во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 1 октомври во Гевгелија и изнесуваше 28,8 степени. Средната минимална температура варираше од 1,7 степени во Берово до 9,5 степени во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 18 октомври и изнесуваше -3,8 степени, соопшти УХМР.

Оттаму прецизираат дека имаше невообичаено високи температури во третата декада од месецот кога е забележен и продор на есенски топлотен бран.

-Во октомври месечната сума на врнежи во државата варираше од 11 милиметри во Струмица до 83,7 милиметри во Маврово. Врнежите беа од дожд, а максимално дневно количество на врнежи од 30,5 милиметри беше регистрирано во Маврово на 2 октомври. Споредено со октомвриската просечна вредност за многугодишен период (1981-2010), измерената месечна сума на врнежи беше помала за 32 милиметри или е 51 процент под просечната на ниво на држава, посочуваат од УХМР.

Поврзани новости