Угостителите бараат унифицирани протоколи за работа, но не и ограничување на работното време

by Fokus

Независната угостителска комора бара унифицирани протоколи и препораки за работа во услови на пандемија, но не се согласува со ограничувањето на работното време.

Во денешното соопштение од Комората се наведува дека секоја одлука и измени на Одлуката за превентивни препораки за постапување за заштита од КОВИД-19 со кои се ограничува работното време на угостителските објекти е неуставно.

– Работното време на угостителските објекти е утврдено во членот 23 од Законот за угостителска дејност, кој закон не е ниту укинат, ниту суспендиран во моментот. Ниедна одлука на Владата, ниту нејзина измена за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од Ковид -19 со која се носат препораки и протоколи за ограничување на работното време за работа на угостителските објекти кое работно време е утврдено со важечки закон е неуставна, велат од Комората.

Додаваат дека очекуваат покана од Владата за учество во креирањето на петтиот сет мерки за поддршка на угостителската индустрија.

– Веруваме дека Владата преку Министерството за економија и Министерството за финансии во целост ќе ја превземат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата Ковид-19 и ќе креираат безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на угостителите. Угостителската индустрија нема време за чекање и со цел угостителите да ги сочуваат сите работни места на угостителските работници очекуваат веднаш и итно Владата да донесе одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто плати од почетокот на јануари 2021 години со траење се додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до званично завршување на пандемијата Ковид-19, се вели во соопштението.

Поврзани новости