Едно од двете бели волкчиња кои кон крајот на месец април се родија во ЗОО Скопје, и се загрозен вид, угинало, дознава ,,Фокус”. Веста дека во Скопје ЗОО се родија две поларни волкчиња беше објавена пред околу три недели, а од зоолошката градина информираа дека мајката ги родила во дувло кое самата го направила, и волкчињата биле со родителите кои се грижеле за нив.
Кристијан Стаменов, директор во ЗОО Скопје, ја потврди веста дека едно од волкчињата угинало, и вели дека се чекаат резултати од обдукцијата.
-За жал, едното волкче угина, иако се работи за прво легло и вакви немили настани се случуваат, сепак се направи обдукција. Работиме според професионални стандарди, сега ги чекаме резултатите-појаснува Стаменов.
Додава дека откако е на функција, во изминатите пет месеци, имале четири смртни случаи на животни. За секој случај следела обдукција, и кај првите два случаи причината за смртта била карцином, односно кардиоваскуларни проблеми.
-Кога дојдов на функцијата директор на ЗОО, уште веднаш ми беше препорачано од стручни лица дека треба да се еутанизира пингвинот, бидејќи беше тешко болен. Не се решивме на тој чекор, се надевавме дека можеби ќе поживее подолго, но и тој угина. И во тој случај повторно се направи обдукција, бидејќи така налагаат правилата. На нашата страница не известивме за смртта на животните, најмногу поради тоа што ова е омилено место за најмладите, да ги поштедиме од такви вести. Во секој случај, сите сме максимално посветени за добросостојбата на животните и даваме се од себе тие да имаат добар живот овде – порача Стаменов.
ФОТО Горан Анастасовски