Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, заедно со уште осум други европски универзитети стана дел од Европска универзитетска алијанса ACE2-EU, чиј почеток со работа беше одбележан кон средината на декември 2024 година на Универзитетот Франсиско де Виторија од Мадрид.
Алијансата на Применети, поврзани, претприемачки и посветени европски универзитети (Applied, Connected, Entrepreneurial and Engaged – European University) ќе добие средства во висина од 14 милиони евра, со коишто ќе ги финансира заедничките активности предвидени во алијансата и ќе ја поддржи долгорочната транснационална и институционална соработка помеѓу универзитетите.
– Европските алијанси им овозможуваат на новата генерација на „европски студенти“ да студираат и да работат во различни европски држави, да учат јазици и да имаат пристап до различни дисциплини. Студентите можат да добијат диплома за завршено високо образование преку комбинирање на повеќе студиски програми од неколку европски земји, придонесувајќи на тој начин да се зголеми атрактивноста и компетитивноста на високото образование во Единствениот европски простор. Овие алијанси, работат заедно со цел да донесат иновации во Европските региони преку овозможување на студентите да работат заедно со академскиот кадар од различни универзитети, истражувачи, претпријатија, локални самоуправи, државни институции и граѓанскиот сектор, изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректор за меѓународна соработка на УГД.
Вработените на универзитетите, исто така имаат можност да ја продлабочуваат соработката со своите колеги од Алијанста, да спроведуваат заеднички истражувања, проекти, да спроведуваат заеднички наставни програми и многу други активности.
– Се работи за големи проекти кои овозможуваат навистина значаен напредок и на универзитетите вклучени во алијансата, но и на сите вработени и студенти на универзитетите. Ова е едно ново поглавје, како што Европската комисија наведува, поглавје во кое преку поврзување на универзитетите треба да се градат новите генерации на Европејци. Нашите студенти ќе можат преку комбинирање на студиските програми да ги изучуваат своите струки за кои се определиле на различни универзитети, да добијат еден целосно нов сет на знаења и со тоа да добијат една европска диплома којашто ќе им овозможи да се движат во европскиот високообразовен академски простор, изјави ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.
УГД ќе биде одговорен за развивање на заеднички дигитален простор на Алијансата каде што и студентите и вработените на овие девет универзитети ќе бидат дел од едукативните можности и предизвици што ги нуди Алијансата. Исто така, УГД се јавува во улога на ко-координатор на работниот пакет поврзан со мобилностите и европските вредности, што значи и студентите и вработените ќе имаат дополнителни можности за мобилност и размена. За тоа се издвоени околу два милиони евра во Алијансата.
Студентите како идни европски студенти ќе имаат можност да студираат на некои од универзитете коишто се дел од Алијансата, при што ќе добијат двојна диплома призната во Европската Унија. Освен тоа, студентите ќе имаат можност да развијат практично искуство, да учествуваат во проектни активности, да следат настава, да остваруваат мобилности и размена, да се вклучат во научно-истражувачки и апликативни активности во рамките на Алијансата, поврзувајќи се со локалната заединица и бизнис заедницата, и на тој начин ќе се стекнат со вештини коишто ќе им овозможат да одговорат на новите техонолошки и индустриски потреби и предизвици на новото време.
Алијансата ќе има Управен одбор, Совет, Собрание, но и Студентски совет како советодавно тело, којшто ќе им овозможи на студентите директно да учествуваат во креирање и во спроведување на активностите од Алијансата.
Универзитетите кои се дел од ACE2_EU Алијансата се: Политехничкиот универзитет од Сантарем, Португалија; Каринтскиот Универзитет за применети науки од Австрија; Универзитетот Константин Бранкуш од Тргу Жиу, Романиja; Технолошкиот универзитет во Каунас, Литванија; Универзитетот Франциско де Виторија од Шпанија, Медицинскиот универзитет во Гданск од Полска, Летонската академија на културата од Летонија; Техничкиот универзитет Хошуле Инглоштад од Германија и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Орце Костов