Удираат по самарот, бидејќи не смеат по коњот

by Фокус

Нема друг одговор, туку дека на оваа групација ѝ е потребен „самарот“ за да продолжат да удираат по него без да бидат повредени. Знаат тие добро дека не смеат да удрат по коњот. Виделе, имаат искуство како коњот знае опасно да клоцне. Научиле во блиското минато дека коњот прифаќа само нежно тимарење.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

По поразот на СДСМ на последниве избори не очекував од нашите креативни „независни“ медиуми таква безидејност, дезориентираност и збунетост од успехот на нивното активно учество при рушењето на СДСМ.

Дури како да им е криво што сега СДСМ е полумртов и толку длабоко потонат што не можат лесно да го докачат за уште нешто приде да дотурат во зацврстувањето на негативното расположение кај народот.

Тоа е секако беспредметно, зашто негативното расположение кај народот достигна највисоко ниво, така што нема што да се додаде, и покрај нивната навика да копаат и да ископаат барем уште некој скандал, уште некоја афера за сега веќе претходната власт…

ГО НЕМА СДСМ ЗА ДА МУ НАРИПААТ

Добро, нема баш да останат без занимација. Мора да се стрпат уште малку да се формира новата влада, па потоа ќе можат да се омрсат со брифинзите од надлежните за сторените кривични дела, тешкиот криминал и корупција од страна на поединци од врвот на СДСМ и ДУИ, за што ќе следуваат, како што во предизборието ветуваше ВМРО- ДПМНЕ, притвори, затвори, конфискации…

Дотогаш ќе мораат да се стрпат и да бидат воздржани кон власта, за секој случај. Со ВМРО-ДПМНЕ, кога е на власт, море и кога не е на власт, нема играчка. Не се тие мала вода како СДСМ, па да им се плашат на новинарите, да им се додворуваат или, не дај боже, да повишат глас или попреку да ги погледнат.

Е, сега го нема СДСМ за да му нарипаат! Затоа ќе мора да се стрпат. Како што предупреди Мицковски, отсега ќе треба да се гледаат позитивните работи во државата.

На времето им се потсмевавме на новинарите од „старата гарда“, ние младите кои го доведовме плурализмот во медиумите, како тие го почнуваа дневникот на ТВ Скопје: „Добровечер! Уште еден успех на македонското стопанство!!! Денеска…“

Добро, тие беа израснати во едноумието и си ја знаеја работата, знаеја како треба. За жал, имам впечаток дека и денешниве млади новинари предводени од „стари волци“ ќе мора да се распрашаат и да научат како да се проврат професионално неоштетени во ова ново едноумие.

ВМРО-ДПМНЕ со неговите коалициони партнери практично има двотретинско мнозинство во парламентот, слично како ЦЕ-КА во еднопартискиот политички систем.

Некој ќе рече: „Ама тогаш постоела само една партија!“ Да, но во неа имаше повеќе фракции, дури и од видни членови на партијата, кои и по број и по влијание беа приближно толку колку СДСМ и ДУИ заедно.

ПЛАКНЕЊЕ НА УСТАТА

Деновиве читам разни коментари во врска резултатите од изборите. И забележувам просто една лутина кон СДСМ што дозволи така драстично да изгуби на изборите, и тоа не од страна на негови симпатизери, поддржувачи, туку од новинари, аналитичари, колумнисти кои изминатиов период немаа ниту еден добар збор за политиките на СДСМ.

Сега ја врзале главата како да го накренат СДСМ. Не било добро за државата без јака опозиција. Море анализираат што треба сега да прави оваа партија за што побрзо да се исправи, да застане на нозе, да се појави пред јавноста.

Ги лути, им пречи, ги нервира повлекувањето на СДСМ во себе и нивниот постизборен молк, нарекувајќи го тоа „чин на политичка и општествена неодговорност“.

Браво, многу остроумно! Тој сиромав отепан без пушка и пак од него се бара некаква општествена одговорност! Пуста навика на Македончето да си има некого со кого ќе си ја плакне устата!

И сега се прашувам од каде толкава потреба на споменатите новинари, аналитичари, колумнисти, за јака опозиција, од каде таква заинтересираност за состојбите во СДСМ и таква љубопитност кога таа партија барем донекаде ќе се консолидира за да може да истрча на политичката сцена.

Нема друг одговор, туку дека на оваа групација ѝ е потребен „самарот“ за да продолжат да удираат по него без да бидат повредени. Знаат тие добро дека не смеат да удрат по коњот. Виделе, имаат искуство како коњот знае опасно да клоцне. Научиле во блиското минато дека коњот прифаќа само нежно тимарење.

Поврзани новости