Неколку средни училишта од земјава, кои во септември годинава донесоа правилници за надворешен изглед на учениците, извршиле повеќекратна индиректна дискриминација, наведено е во извештајот за постапување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, објавен за период од јануари до март 2024 година.
Уште кога се објавија правилниците на неколку средни училишта, имаше низа на јавни реакции. Според правилниците, беше забрането да се доаѓа на настава во тренерки, на машките ученици им беше забрането да имаат долга коса, па дури и ако ја носат врзана во опавче, забрането им беше да имаат брада, се налагаше да се носат исклучително долги пантолони и здолништа, девојчињата да имаат собрана коса, без разлика на должина, да немаат пирсеви, долги нокти и многу други забрани.
Голем број на ученици и нивни родители реагираа дека со вакви и слични забрани се навлегува во нивната приватност и право на личен избор, посебно кога е во прашање должина на коса кај момчиња, или пак спортскиот начин на облекување, во случајов тренерки и хеланки.
Според КСЗД, утврдена е дискриминација, а на училиштата кои ги донеле овие забрани, односно кои го изработиле спорниот Кодекс за однесување и надворешен изглед, истакнувајќи дека оние кои нема да се придржуваат до него нема да бидат примени на настава, им било препорачано да се извршат измени на правилата за надворешниот изглед на учениците.
-Во постапка, отворена по службена должност, а подоцна и по поднесени претставки, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди повеќекратна индиректна дискриминација врз основа на род, родов идентитет, лично својство и имотна состојба во областа образование, од страна на неколку средни училишта, а која произлезе од донесените одредби на Куќниот ред на училиштата и се однесува на надворешниот изглед на учениците.
Училиштата, со Куќниот ред им забрануваат пристап на учениците во училиште со долги нокти, пирсеви, маици на прерамки, хеланки, бермуди, кратки пантолони, кратки маици, искинати фармерки, тренерки и кратки здолништа.
Во недостаток на легитимна и оправдана цел на училиштата за носење на ваков интерен акт, а повикувајќи се на одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Конвенцијата за правата на децата, Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, културни и социјални права и Конвенцијата против дискриминација во образованието, КСЗД им препорача на училиштата, во рок од 30 дена да извршат измени и дополнувања на Куќниот ред и останатите подзаконски акти, со изменување на правилата за надворешниот изглед на учениците, а со цел отстранување на извршената индиректна дискриминација, но и воздржување во иднина од носење на подзаконски акти кои може да предизвикаат било каков вид дискриминација. Препораката од Комисијата беше во целост исполнета во законскиот рок- наведено е во извештајот на КСЗД.
Вики Клинчарова