Додека заврши изградбата на новото училиште во Баница, учениците Албанци од Чашка ќе учат во придружен објект на џамија кој се користи за изучување на веронаука.
Од понеделник децата од прво и второ одделение ќе учат во посебен објект во дворот на џамијата во населбата Чашка затоа што родителите на децата кои посетуваат настава на македонски јазик повторно не се согласија овие деца да учат во „Тодор Јанев“ во Чашка се додека не се заврши новото училиште во село Баница во кое ќе се изведува настава на албански јазик.
– Децата ќе учат во објект кој се користи за веронаука. Тоа е посебен објект во дворот на џамијата и тој е од времен карактер. Децата ќе почнат да учат таму од понеделник. Во Баница училиштето е во рацете на МОН, нашето како општина заврши, сега треба да изберат изведувач и да се монтира.
Во Чашка повеќе нема тензија, само јас сум разочаран што ние и покрај обидите што ги направивме не добивме согласност од родителите да си продолжат децата да си учат уште два три месеца во „Тодор Јанев“ за да не учат во други простории, но немаше разбирање тука во Чашка. Не дозволуваа родителите, што сметам дека немаше потреба да стигне до тоа, но добро се решаваат веќе проблемите – истакна за „Фокус“, градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
Од МОН не била пристигната информација дека наставата за дел од учениците во Чашка се организира во објект кој нема образовна дејност, но
велат дека организирањето на воспитно – образовниот процес на локално ниво е надлежност на општината и градоначалникот.
Учениците Албанци од општина Чашка од прво до петто одделение по два месеци ќе можат да го користат новото училиште „Дитуриа“. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска изјави дека јавниот повик е затворен и сега се разгледуваат апликациите. Најави дека за ова училиште се издвоени 6,5 милиони денари, додека исплатата ќе се врши во зависност од тоа како ќе се изведуваат работите.
„МОН во селото Бањица ќе гради ново училиште и постапката е во тек. Во моментов се разгледуваат пристигнатите понуди од економски оператори. По целосно завршување на процедурата, ќе започнат активностите на терен, каде веќе е изградена бетонска платформа за подигнување на објектот, кој би бил готов за 2 месеци“, велат за „Фокус“ од МОН.
Инаку во декември минатат година, родителите на учениците Македонци протестираа пред основното училиште „Тодор Јанев“, при што не им дозволија на наставниците да влезат во училишниот објект.
Наставата на сите ученици во основното училиште „Тодор Јанев“ во општинат Чашка, времено, односно до крајот на учебната година, се реализираше во постојниот објект и по адаптирани наставни програми, одлучи Владата, со што се стави крај на неколку месечните блокади од страна на родителите на децата.
Тензиите се смирија по неколкумесечните протести на родителите и Советот на родители на ООУ „Тодор Јанев“ кои не дозволуваа децата Албанци да учат на мајчин јазик затоа што во училиштето по реонизација се изведува само настава на македонски јазик.
Според договореното, статутот на училиштето ќе остане непроменет, ингеренциите врз ООУ „Тодор Јанев“ му беа вратени на градоначалникот Горан Стојановски и се назначи нов директор на училиштето.
Родителите на учениците Македонци не дозволуваа и вонстатутарно отворање на албанска паралелка која ја одобри МОН, а ја прифати директорката Елена Николова која пак беше назначена од министерот Јетон Шаќири откако тој му ги одзеде ингеренциите врз ООУ „Тодор Јанев“ на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.
Неколку денови полиција од Велес и Чашка беше и тампон зона помеѓу родители и директорката, а еднаш мораше и да интервенира за да ја спречи топлата да и се нафрли на Николова.
Орце Костов