По едномесечниот, продолжен зимски распуст, околу 255 илјади ученици денеска се враќаат во училишните клупи за второто полугодие од учебната 2021/2022 година.
Поради влошената епидемилошката состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот од КОВИД-заразата, наставата не почна на 20 јануари и беше одложена за десетина дена по препорака на Главниот координативен кризен штаб и со одлука на Владата.
И покрај пролонгираниот почеток, учебната 2021/2022 ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022 и за таа цел Владата на седница веќе го утврди бројот на наставни денови во вонредни околности. Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158 поради нивните обврски за државната матура и полагањето на двата екстерни испита закажани за 4 и 13 јуни.
Ставот на надлежните во здравство и образование е учебната година, како и во првото полугодие, да продолжи со физичко присуство, со примена на антиковид-протоколите, така што и натаму резервни остануваат другите две сценарија што беа подготвени летото – настава на далечина и комбинирана настава со ротации на ученици во иста паралелка.
Првата детска амбасада „Меѓаши“, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараа Владата да ја преиспита одлуката и наставата да продолжи онлајн затоа што се високи бројките на новозаразени со КОВИД-19, чести се и реинфекциите што се должи на брзото ширење на сојот омикрон.
Според министерот за здравство Беким Сали, одлуката е донесена откако е проценето дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство.
– Според нашите податоци, нема потреба од онлајн-учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките, рече Сали во петокот кога најави скрининг по случаен избор меѓу учениците како превентивна мерка.
Вчера тој соопшти дека Комисијата за заразни болести денеска на состанок ќе одлучува како и кога ќе се реализира скринингот во училиштата, а ќе го спроведат центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи.