Настанот со двајцата средношколци од Неготино, кои поради доцнење биле оставени во Италија додека групата заминала во Франција, се уште ја бранува јавноста и се бараат одговори, но и одговорност за немилата случка. И додека оставените деца на почетокот на приказната беа жртви, вчера, откако сопственикот на туристичката агенција ,,Балкан турист’’, Тони Ристовски обелодени дека во хотелот каде биле сместени учениците од Неготино некој извршил нужда на подот, по што неговиот партнер од Италија ја прекинал соработката и повеќе не работел со групи од Македонија, средношколците станаа мета на напади од јавноста.
Низа обвинувања за некултура, недисциплина и срамно однесување ги преплавија социјалните мрежи и медиумите. Двете деца кои што беа оставени во хотелот во Италија, револтирани од низата негативни коментари, но и објави во медиуми, каде на некој начин токму тие се посочени како главни виновници за вршењето нужда на подот, со согласност од своите родители решија да ја раскажат вистината за целиот настан за ,,Фокус’’.
К. Јованов и Н. Донев се седумнаесет годишните момчиња, кои преку ноќ, како што велат, од жртви станаа виновници, за нешто кое што не го сториле, и велат дека сакаат јавноста да ја дознае целата вистина за да се прекине со шпекулации и напади на целата генерација, поради нешто кое што го направила само една несовесна личност. Исто така, тврдат дека не треба да се помешаат приказните за нивното оставање и вршењето нужда на подот, бидејќи во никој случај не се поврзани.
-Слушаме во одредени медиуми, читаме коментари од јавноста, и навистина сме изненадени од обвинувањата врз сите нас, врз целата наша генерација, а посебно врз нас двајцата, кои во овој случај сме жртви. Сакаме да демантираме дека некој од нас двајцата го направил нередот на подот, бидејќи јавноста на некој начин доби таква слика. Не, не бевме ние, и тоа не се случило во хотелот во кој што ние двајцата бевме сместени, туку во другиот хотел, каде исто престојуваа наши соученици. Значи беше објавен и бројот на хотелската соба, лесно може да се најде виновникот, кого што во никој случај не го оправдуваме, а имаме неофицијални сознанија дека станува збор за девојче. Дури и сметаме како ова е еден начин да се сврти вниманието на јавноста од вистинскиот проблем, а тоа е оставањето на ученици во непозната земја. Околу дисциплината на групата, тоа е одделна приказна и веруваме дека против сите кои што покажале такво срамно однесување ќе бидат превземени соодветни педагошки мерки – раскажуваат учениците.
Додаваат дека не сакаат да бидат посочувани како личности без елементарна култура, токму тие двајцата, бидејќи во случајов немаат никаква вина.
-Две скандалозни приказни се помешаа една со друга. Разликата помеѓу нив е тоа што ние двајцата бевме жртви во првата, а во втората некој се дрзнал да се однесува крајно безобразно, за да на крај целата вина се фрли неоправдано врз нас – потенцираат момчињата.
Околу тоа што точно се случило утрото, кога групата заминала во Франција и ги оставила сами во Италија повеќе од 13 часа, велат дека доцнењето било ненамерно.
-Класната професорка дојде во собата, каде што спиевме и ни рече да побрзаме, да одиме на појадок и веднаш на паркингот кај автобусите, бидејќи сме се успале. Ние станавме, се спремивме бргу и не ни заминавме на појадок, туку веднаш тргнавме кон паркингот. Телефонски контактиравме со наша школска другарка и ја запрашавме каде точно се наоѓа паркингот, бидејќи не бевме сигурни. Но, се случи мало недоразбирање во дирекциите, и ние сфативме дека сме изгубени. Кога го најдовме паркингот, мислам дека часот не беше повеќе од девет и триесет минути, забележавме дека автобусите заминале. Значи, наидовме на празен паркинг, и веднаш му испратив порака на сопственикот на агенцијата, но без одговор. Ни се јави класната, ни рече дека веќе заминале и како шоферот не можел да не чека, и ни порача да седиме во хотелот – раскажува К. Јованов.
Учениците велат дека денот го минале во близина на хотелот, потврдија дека возеле велосипед, бидејќи и самите не знаеле каде да одат и што да прават. Признаваат дека биле исплашени, но и разочарани затоа што не биле сочекани од групата и што не успеале да ја видат Франција.
-Кога сите се вратија назад, се сретнавме со сопственикот на агенцијата. Тој не покажа никаква грижа, ниту пак жал за настанот. Класната раководителка ни кажа дека не можела да стори ништо за да не сочекаат – велат децата.
Порачаа јавноста да не суди пребргу и да не ги става сите ученици во ист кош, бидејќи на тој начин и оние кои немаат никаква дамка во своето поведение, добиваат етикета и се одбележани како невоспитани и крајно безобразни.
Вики Клинчарова