Основците од трето и шесто одделение учебната година ќе ја почнат без учебници, бидејќи учебниците за шесто одделение се` уште се во фаза на одобрување, а ноцвите учебни за трето одделение се одобрени и во тек е нивно постепено печатење и доставување низ училиштата.
Ова денес на прес конференција го изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој рече дека најголем дел од учебниците во основното образование се веќе испорачани до училиштата, а помал дел, претежно за новите учебници за шесто одделение уште трае процесот на одобрување и печатење.
Според него одобрувањето и печатењето на учебниците треба да трае најдоцна до крајот на септември.
„Учебниците за трето одделение се одобрени, во тек е постапката за печатење и доставување на учебниците. Истото ќе се случи и за учебниците во шесто одделение, кои се во напредна фаза за одлука за одобрување од Националната комисија за учебници. Потоа имаме постапка, ако имаме жалбена постапка од одредени автори. Затоа кажувам дека крајот на септември и тие треба да бидат доставени до сите ученици“, рече Шаќири.
Тој додаде дека во меѓувреме на учениците и на наставниците ќе им бидат достапни електронски помошни материјали.
Шаќири не чувствува одговорност за тоа што и оваа година дел од учебниците ќе доцнат.
„Јас како министер не учествувам во ниту една постапка во Националната комисија за учебници, Педагошката служба, мислењата на рецензентите и мислењата на другите. Не можам да имам одговорност за постапките кои не зависат конкретно од министерот за образование и наука“, рече Шаќири.
Министерот кажа дека во средното образование, последнава година биле одобрени 150 нови учебници, најголем дел од стручното образование, кои етапно ќе се печатат и ќе се доставуваат до средношколците во тираж кој ќе го пријават училиштата.