Учениците од четири одделенија, прво, второ, четврто и петто одделение ќе ја почнат учебната година без учебници и ќе учат од печатени материјали, односно наставни ливчиња додека не ги добијат новите учебници со нови наставни програми.
За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно, па учебниците уште не се готови.
-Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение во основното образование за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување. На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комиси и истите треба да претрпат одредени измени /дополнувања .
Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат повторно ракописот со измените се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници, велат од Министерството за образование за „Фокус“.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири веќе кажа дека учениците кои нема да имаат учебници ќе учат од ливчиња.
– Тоа се наставни ливчиња кои наставниците им ги даваат на учениците на час, а на кои има лекција што треба да се научи или вежби и домашни задачи, рече министерот.
За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Учебната година задутре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци.
Ф.Ф.С.