Учениците кои беа затекнати во Турција ќе бидат вратени во земјава

by fokus

Деветте државјани на Република Северна Македонија, кои беа затекнати во загрозеното подрачје (осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција), според последните информации се на безбедно и не се во животно – загрозувачка состојба. Се работи за ученици во средно училиште од Гостивар, при што учениците доаѓаат од поширокото соседство – Маврово, Тетово итн, соопшти МНР.

-По инструкција на МНР, Амбасадата во Анкара испрати дипломат заедно со дополнително возило – комби – со кое загрозените граѓани ќе бидат упатени на безбедна локација од каде ќе го продолжат патот кон земјава. Последните информации говорат дека за едно од децата кое има скршеница, направена е првична медицинска санација, и истото е подготвено за патување и заедно со групата ќе биде упатено назад кон земјава, штом дипломатот од Амбасадата во Анкара пристигне на лице место, информира МНР.

Како што наведува Министерството, според последните информации од Амбасадата во Анкара, и Генералниот конзулат во Истанбул добиени во 18:30 часот (16:30 МКД време) нема други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, а нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.

-Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732, информира МНР.

Министерството додава дека според последните информации кои доаѓаат од состојбите во подрачјето на југоисточниот дел до Турција, бројот на загинати граѓани, потврдени од турските надлежни институции, надмина 1.500, додека бројот на повредени засега е околу 10 илјади. Како последица на земјотресот уништени се над 3.700 објекти.

Најтешко се погодени десет града, меѓу кои: Газиентеп, Кахраманмарас, Хатаи, Османије, Адијаман, Малатија, Санлиурфа, Адана, Дијарбакир и Килис. Во овој регион нарушена е нормалната комуникација, а сложените временски услови проследени со исклучително ниска температура, снежни врнежи и намалена видливост, дополнително го отежнуваат справувањето со последиците.

Поврзани новости