Ученици од битолско училиште претставени како истомисленици на Ванчо Михајлов

by fokus

Фондацијата „Бугарска меморија“ на својот Фејсбук профил, како и на официјалната интернет страница објавија вест дека ученици од Македонија отишле на дводневна посета на Софија.

Посетата била како составен дел од програмата за градење добрососедски односи и европска интегрaција не само на Бугарија, туку и на Северна Македонија.

Учениците од битолското средно Техничко училиште биле претставени како истомисленици на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

-Младите луѓе, кои се истомисленици на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во градот Битола, беа тука како составен дел од долгогодишната програма на Фондацијата Бугарска меморија за градење добрососедски односи со РС Македонија и европската интеграција на младите од двете страни на границата, велат од Фондацијата на д-р Милан Врабевски.

Инаку, оваа фондација е на бугарскиот бизнисмен Милан Врабески кој пак е познат и како финансиер на здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Директорката на училиштето, Жанета Сервини демантира дека младите биле ученици во техничкото училиште.

-Категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменикот директор Здравковски Љупчо за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта. Со дадената непроверена информација направена е шпекулација со која е нарушен нашиот углед и угледот на училиштето, се вели во реакцијата на Сервини.

 

 

Поврзани новости