Ученици од трето и четврто одделение од основното училиште ,,Милан Ракиќ” од Белград се инфицирале со корона вирус, по враќањето од рекреативната настава, која се одржала пред самиот почеток на школската година. Како што пренесуваат српските медиуми, рекреативната настава се одржала од 22-ри до 29-ти август, по што голем број на ученици побарале лекарска помош, по појавувањето на симптомите на корона вирус.
Според родители, биле инфицирани 43 деца и три наставнички, но директорот на училиштето, Душко Витомировиќ за српскиот портал Блиц изјавил дека официјално потврдени се 18 позитивни ученици на возраст од девет и десет години и две наставнички. На новинарско прашање зошто заминале на рекреативна настава пред самиот почеток на школската година, тој одговорил дека доколку не отиделе, ќе им пропаднеле парите.
-На таа настава требаше да се оди уште лани, но беше одложено поради пандемијата. Родителите можеа да одбијат, ама не одбија. Советот на родители прифати да се оди на рекреативна настава, учениците беа прегледани пред тргнување во здравствениот дом, а исто така со нив на наставата имаше и еден лекар – изјавил директорот на училиштето.
Инаку, во Србија наставниот процес започна денес, со часови од 45 минути и полн капацитет во училниците. Според тамошниот протокол, учениците ќе носат маски само додека одговараат, додека вакцинираните наставници нема да бидат обврзани да носат заштитна маска, се додека одржуваат соодветно растојание од учениците. И кај нас денес започна наставата со физичко присуство на учениците.
Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Апелите на голем број на родители кои бараа онлајн настава поради зголемениот број на нови случаи на вирусот, но и предупредувањата на голем број на здравствени работници, кои се на став дека нема услови за настава со физичко присуство во училиштата, не беа слушнати од надлежните служби.
Според податоци од Државниот заводот за статистика, годинава во земјава бројот на ученици во основните училишта изнесува 187.555, а пак во средните училишта бројот на ученици изнесува 71.811.
Вики Клинчарова