Министерството за образовани и наука информира дека согласно Законот за учебници во основното и средното образование, сите учебници можат да се користат најмногу до 5 години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно.
„Учебниците и сите други наставни материјали кои ги обезбедуваат надлежните институции од областа на образованието предводени од МОН и кои се изготвени врз основа на наставните програми, имаат за цел првенствено да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето на применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување“, велат од МОН.
За постигнување на овие цели, додаваат од таму, неопходна е целосна реализација на наставните програми, а кои меѓудругото предвидуваат и пополнување на содржини во дел од учебниците. МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно – образовниот процес, да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во рамки на истите кои се предвидени за пополнување од страна на учениците.