Средношколците денес ја завршуваат учебната 2022/2023 година, а учениците од основните училишта ќе одработат уште три дена и последниот училиштен ден за нив е среда 14 јуни.
Учебната година е продолжена бидејќи беше продолжен зимскиот распуст заради заштеда на електрична енергија за греење на училиштата. Второто полугодие од учебната година наместо на 18 јануари почна на 23 јануари.
Оваа учебна година привршува и без учебници за дел од предметите. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири проблемот со учебниците како оној со македонски јазик за трето одделение го лоцира во недоволната заинтересираност на авторите да се пријават на повиците, па решенија ќе се бараат и преку подготвителни материјали.
Тој уверува дека од први септември учебници ќе има, но Министерството за образование се уште не може да најде кој ќе го напише учебникот по македонски јазик за петто одделение.
Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. Пријавените кандидати имаа можност да избираат од седум предмети: Математика, Англиски јазик, Француски, Германски, Руски јазик, Естетика или Филозофија.
На 27 мај 15.620 матуранти го полагаа првиот екстерен испит, задолжителниот Мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература.