Вале И. (36) која на 13-ти јуни, откако била физички нападната од сопругот во семејниот дом во Кратово, удирана со тупаници по главата и телото, а потоа тој започнал да ја дави, по што откако успеала да се оттргне од него, зела кујнски нож од кујната и го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко, се наоѓа во притвор.
На жената и е определен 30-дневен притвор, по предлог на јавниот обвинител, а сопред Основното јавно обвинителство Куманово, таа е осомничена дека сторила кривично дело убиство.
-При вршење семејно насилство на 13-ти јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож, со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на самото место, соопштија ОЈО Куманово.
Веста за жената која трпела семејно насилство, но истото и го пријавувала, одекна во земјава и се погласни се јавните реакции дека станува збор за убиство во самоодбрана.
Со реакција се огласија и од Платформата за родова еднаквост, од каде посочуваат дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение.
-Зарем требало да стои додека ја тепаат и дават пред очите на нејзините деца, и да чека да биде убиена од раката на сопругот – насилник?- е често прашање кое деновиве се поставува на социјалните мрежи.
Околу тоа која е жената, која била долгогодишна жртва на семејно насилство, ,,Фокус” се обиде да добие одговори од повеќе жители на Кратово.
Информациите до кои дојдовме, кратовчани ги споделија со претпазливост, бидејќи, како што велат, не сакаат да се мешаат во нешто кое било семејна работа, а сега веќе и семејна трагедија. Повеќето, незаинтересирано вртат глава.
-Вале не е од Кратово, таа по потекло е од Скопје, овде беше мажена. Колку што знаеме, не беше вработена, домаќинка беше, си ги гледаше децата. Тие се малолетни, едното е во прво, а другото во шесто одделение.
Поради тоа што жената не е по потекло од Кратово, таа овде нема никој свој. Кого и да прашате од Кратово, за било каков детал за ова семејство, сите ќе ви ја кажат приказната од машката страна, бидејќи сопругот беше од овде, овде живеат негови роднини, пријатели, познаници.
За да се добие реална слика, треба јавно да се огласат нејзините роднини од Скопје, кои сигурно знаеле низ што минува таа, со оглед на поранешните пријави за семејно насилство во домот, кратко коментираат лица од Кратово со кои разговаравме.
Поразително е што имаше и такви, кои кратко ни одговорија дека не се запознати со случајот!
Од Платформата за родова еднаквост пак, во својата реакција по повод случајот потенцираат дека треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани.
-Ова не е прв случај кога жените што претрпеле семејно насилство не само што не биле заштитени од страна на надлежните институции, туку истовремено и самите биле пријавувани и третирани како сторители на семејно насилство. Бараме ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите, истакнаа од Платформата.
Вики Клинчарова