Случајот со битолчанецот Тони. Ѓ. (62), кој завчера со пиштол го уби поранешниот зет Стојанче С. (44), кој со мачета насилно му упаднал во домот и се заканувал, им ги врати на кавадарчани сеќавањата на сличен настан, трагедија која го зави градот во црно во ноември 2014 година.
Поранешен зет, неколку пати пријавуван во полиција за семејно насилство, влезе во домот на родителите на неговата поранешна сопруга во Кавадарци и со по еден истрел од пиштол ги уби нејзината мајка, сестра и татко.
Тони Станоев, тогаш 40-годишен, го изврши масакрот среде бел ден во семејната куќа на Леови, која е лоцирана на градскиот пазар, во центарот на градот.
Првин пукал во мајката на поранешната сопруга, Билјана (56), сестрата Снежана (33), а потоа се качил на горниот кат каде со еден истрел го убил и таткото Илија (61).
Илија и неговата сопруга починале на лице место, додека Снежана давала знаци на живот, но и по укажаната лекарска помош во општата болница во Кавадарци им подлегнала на раните, информираше тогаш Анита Стојковска, која во тој период беше портпарол на СВР Велес.
Страотната слика во домот прва ја видела неговата поранешна сопруга, кога се вратила од работа.
По убиствата, Станоев мирно заминал од местото на настанот, и се криеше три дена. Беше уапсен на градските гробишта во Кавадарци, по голема бркотница со полицијата, а кај него бил пронајден пиштол со два куршуми. Неофицијално, сакал да ја убие поранешната сопруга, а потоа и да се самоубие.
Во Кавадарци на денот на погребот на семејството Леови беше прогласен Ден на жалост. Тогашниот градоначалник Александар Панов изјави дека целиот град е во шок од настанот и порача никогаш повеќе да не се случи ништо слично.
На Станоев му се судеше во Основниот суд во Велес. Експертите во вештачењето напишаа дека бил пресметлив и трократното убиство го извршил со умисла. Првин беше осуден на казна затвор од 40 години, а потоа во 2016 година, по жалбата на велешкото јавно обвинителство, Апелацискиот суд во Скопје донесе одлука за доживотен затвор.
Околу еден месец по убиството, кавадаречкото Јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против двајца полициски службеници кои не му го одзеле оружјето на Станоев.
Според обвинението, двајцата полициски инспектори во неколку предмети изготвиле кривични пријави против него, но не провериле дали тој поседува дозвола за носење и поседување огнено оружје. Тие ги поднеле пријавите за тоа дека имало нарушени односи во неговото семејство. Полициските инспектори не поднеле предлог за одземање на оружјето ниту по правосилна судска одлука за сторени кривични дела од страна на Станоев. Тој претходно бил пријавуван за кривично дело насилство, телесна повреда и одземање малолетник.
Со оружјето кое полицајците требале да го одземат се случи трократното убиство.
Полицајците беа обвинети за несовесно работење во службата, а добија условна и казна од 200 евра.
Јавноста сведочи на низа на трагедии кои се случиле како последица на семејно насилство, но и на недоволна помош и поддршка за жртвите од страна на надлежните институции.
Конкретно за случајот во Битола, синот на Тони, обвинет за убиство на поранешниот зет, за ,,Фокус” изјави дека со години траеле нивните проблеми со поранешниот зет, и пријавувале во полиција и кај социјалните служби.
Денес во 12 часот е најавен протест пред битолскиот суд, на кој се бара обвинетиот да биде пуштен да се брани од слобода, бидејќи делото го сторил во самоодбрана.
Вики Клинчарова