Во Албанија вчера судијата Астрит Каљаја беше убиен во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиште, па поради тоа со реакција излезе македонското Здружение на судии.
Апелираат влијателни поединци и структури да се воздржат од неодмерени изјави зашто создаваат атмосфера на недоверба и притисок.
„Здружението на судии на Република Северна Македонија со најдлабоко жалење и искрено сочувство реагира на трагичниот настан што се случи во соседна Република Албанија, каде што судија беше смртно застрелан при вршење на својата службена должност. Овој чин претставува сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција и е потсетник дека судиите мора да можат да ја извршуваат својата работа слободно, професионално и без страв за личната безбедност. Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана. Здружението упатува апел до сите релевантни институции и чинители во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија. Воедно, повикуваме на особена внимателност во јавното коментирање на судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на влијателни поединци и структури, бидејќи неодмерените изјави можат да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да поттикне несакани и трагични настани. Здружението на судии на Република Северна Македонија останува посветено на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како основа за праведно и демократско општество“, се вели во реакцијата на Здружението на судии.