УБИСТВА ВО ТЕТОВО

Јака им душа на семејствата. Нити за секунда не би сакал да им бидам во кожа. Најблиските не само што загинаа, туку загинаа на грозоморен начин. А одговорност НЕМА, исто како што нема за Дурмо транс, сообраќајката во Бугарија и ред други кои политичкото влијание и кешот ги забошотија. Епа доста беше другови, дошло је време ќорќе!!!!

by Fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Во неделата излезе долгонајавуваниот истражувачки документарец на ИРЛ Македонија насловен  „Убиство во Тетово“, а посветен на пожарот кој ја зафати модуларната болница во Тетово во која на грозоморен начин животот го загубија четиринаесет наши сограѓани, жители на Тетово и околината, а кои во моментот биле Ковид пациенти во екот на пандемијата.

Документарецот ја разбранува јавноста, и откри и со конкретни докази посочи неколку работи за кои дотогаш само се шпекулираше. Како што и од претходно беше јавна тајна, сега само се потврди дека модуларната болница е градена фушерајски, со заобиколување и непочитување на безбедносни и противпожарни стандарди, без соодветна електрична инсталација, со многу јасна цел- да се изгради што поефтино за да има повеќе за крадење!!!

Но, од документарецот, поткрепен со документи од двајца совесни свиркачи, се дозна и дека Републичкиот Јавен Обвинител отворено работел на тоа да се исклучи од одговорност извршителот на задачите, домашна фирма во сопственост на македонски олигарх. Па така, иако во предметот имало три вештачења, од кои едно странска експертиза, и сите до едно причината за пожарот ја лоцираат во несоодветната електрична инсталација, а леснотијата на ширењето на пожарот во евтините и лесно запаливи материјали, се нарачува четврто вештачење.

Тоа вештачење го прави Електро факултетот, кој е во иста зграда со факултетот каде олигархов е професор, а главен вештак да ти е негов пријател и соработник. Милина! Во таква констелација на односи вештакот бил должен да се изземе, но ова е Македонија и се бидува. Наместо да ја утврди причината за пожарот, вештачењето се концентрира на тоа да утврди и утврдува дека е градено согласно спецификација, а не дали се запазени минимум безбедносни стандарди. А спецификацијата да ти ја прави извесна Вања, која пак потоа се вработува во фирмата на олигархот. Машала, се си наредиле!!!

Наместо да се бара т.н. супервештачење бидејќи има две контрадикторни, се носи одлука да се гонат жртвени јагниња. Рибата смрди од главата, па највиновен е секако Републичкиот обвинител Љубомир Јовевски кој го крши Законот за јавно обвинителство. Имено, со новиот Закон за јавно обвинителство донесен кога министер за правда беше профа Дескоска.

ЈАКА ИМ ДУША НА СЕМЕЈСТВАТА НА ИЗГОРЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ

Јавниот  обвинител на Република Македонија и јавните обвинители на јавните обвинителства не може да донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работата н аконкретни предмети на јавните обвинители, а Јовевски токму тоа го прави.

Дополнително се злоупотребува од негова страна стручен колегиум, кој по Закон НЕ е овластен да решава како да се постапува по одреден предмет, туку има општи овластувања за работи од интерес на обвинителството. Од сето ова јасно произлегува дека Јовевски е печен за разрешување а богами и за кривичен прогон, бидејки евидентно ја злоупотребува својата функција во насока на заштита на осомничени.

Љубомир Јовевски е патем човек кој НИКОГАШ не застапувал обвинение во судница. Типична продолжена рака на политиката, Зврлевски втор дел, класичен послушник кој одработува со надеж дека ќе биде избран за Уставен судија. А на негова жал и наша среќа нема да биде избран. Но, затоа е време да биде гонет за неговото незаконито влијание во овој предмет.

Освен што можам да им искажам најдлабоко сочувство на семејствата на загинатите, можам да им дадам поддршка на секој можен начин да не се откажуваат и да се борат до крај. Не бадијала колегата Вулнет Пачуку, господин човек и за мене високопочитуван, а кој ги застапуваше дел од семејствата во судската постапка, на завршни зборови јасно го изрази своето разочарување дека вистинските виновници не се на обвинителна клупа. Онака како што прилега на адвокат од калибар на Вулнет.

Јака им душа на семејствата. Нити за секунда не би сакал да им бидам во кожа. Најблиските не само што загинаа, туку загинаа на грозоморен начин. А одговорност НЕМА, исто како што нема за Дурмо транс, сообраќајката во Бугарија и ред други кои политичкото влијание и кешот ги забошотија. Епа доста беше другови, дошло је време ќорќе!!!!

Поврзани новости