Само Спасе Вељанов знае што се вртело во неговата глава кога го земал токмакот синоќа по полноќ и влегол во домот на неговите соседи со намера да им го одзеде животот. Прво ја нападнал ќерката која не била заспана. Ја удрил три пати по што дошол таткото и се обидел да ја одбрани. Завршил фатално од само еден удар, паднал и веќе не се помрднал, раскажуваат за „Фокус“ блиски до семејството.
Продолжил да дивее и ги напаѓал сите што му се приближиле. Освен физички повреди ќерката има и потрес на мозок. Мајката е во критична состојба, има внатрешно крварање и се бори за својот живот. Се се случило поради привремена настрешница која семејството Најдови ја подгинале во својот двор. Се подготвувале за свадбата на нивниот син која требало да се одржи за неколку недели.
-Пред два дена, врнеше вечерта, околу половина час, не повеќе. Му капела настрешницата во дворот и тоа му сметало. Претходно проблем беше еден потпорен ѕид поради кој имаше нетрпеливости. Ама тоа е изговор. Најдови се инаку многу мирна и културна фамилија, вели близок пријател.
Кој е всушност Спасе Вељанов кој преку ноќ стана најладнокрвниот убиец во Македонија? По трагедијата која ја предизвика, тој објави фејсбук статус нарекувајќи ги своите жртви монструми. Тоа укажува дека бил целосно свесен за она што го напрвил. Од неговиот фејсбук профил може да се види дека е христијанин, патриот и русофил. Често објавувал текстови и видеа со руска содржина и вести поврзани со Путин. Љубител е на спортот, фудбалот и ракометот, како и на ловџиските кучиња.
Но, ништо не го најавува она што ќе им го стори на Најдови. Соседите од Велес зборуваат за него како за повлечен човек. Долги години бил во Австралија и кога се вратил веќе не бил истиот.
-Кога се врати беше чуден, сите ги избегнуваше. Ова не е прв инцидент. Се зборуваше дека во Градската библиотека врзал момче за стол. Го малтретирал и го тепал. Но, го пуштија. Како што се сеќавам немаше кривична пријава, велат соседите.
Потоа работел како обезбедување во хотелот Романтик, но поради проблеми кои ги правел бил отпуштен, велат велешани.
-Ова не е прв ваков случај во Велес. Има многу лица со слични пореметувања кои последниве години хранети со насилство и омраза само добија на сила. Има многу „Ќосиња“, но веројатно не се само во Велес. Опасно е кога такви лица се хранат со идеологија на омраза и насилство, додаваат сограѓаните.
Маја Васева