Основниот суд во Пеќ на млад човек осомничен за убиство на мајка си во населбата Капешница му одреди едномесечен притвор.
Во меѓувреме, правосудните органи откриле дека осомничениот имал повратен билет за Германија, каде има и дозвола за престој, пишува Косова инфо.
„На обвинетиот му е одреден триесетдневен притвор, откако судот утврди дека барањето на обвинителот е основано и оправдано, со оглед дека против обвинетиот се води истрага за тешко кривично дело, за кое законот предвидува затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор, како и дека обвинетиот има дозвола за престој во странство, поради што постои висок ризик да бега или дека на кој било начин ќе ги избегне органите на прогонот и со тоа ќе го оневозможи или во голема мера го отежнува спроведувањето на истрага“ – стои во судското соопштение.
Од основниот суд во Пеќ истакнаа дека повратниот билет е издаден за 19 април годинава.
Инаку, вчера медиумите од соседството информираа дека жена на возраст од околу 60 години е убиена во Пеќ, Косово а за убиството е осомничен нејзиниот син кој е уапсен.
Прво беше објавено дека жената била обезглавена. Главата наводно и била на таванот, додека телото и било на еден од катовите во куќата.
На конфликтот наводно му претходела расправија, а се претпоставува дека имало обид да се разделат синот и снаата.