Убиецот од „Мавровка“ требало да биде в затвор до 2032 година

by Fokus

Лице со дебело криминално досие избегано од затвор уби невин човек само за да го ограби. Осомничениот за убиството кај „Мавровка“, од пребарувањето што го направи „Фокус“, бил осудуван неколкупати и в затвор требало да биде вкупно 14 години. Обивал автомобили, ограбувал куќи, тепал, а семејството од каде што потекнува е добро познато во полициските кругови. Но, наместо в затвор, тој бил на слобода, па за да дојде до пари, уби невин човек. Затворите остануваат хотел „промаја“, но не само за време на претходната власт, туку и сега.

 Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Безживотно тело покриено со специјална прекривка лежи на паркингот во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Оваа вест одекна во вторникот утрото на 20 август, кога во главниот град е раздвижено, особено кај овој трговски центар каде што се наоѓаат и судовите, Бит-пазар и универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Првите претпоставки беа дека станува збор за мафијашка пресметка, но како што се објавуваа нови информации, безживотното тело испраќаше порака дека „никој не е безбеден“.

Не се пресметувало скопското подземје, туку обичен средовечен човек станал жртва на бегалец од затворот „Идризово“. Ниту се познавале, ниту жртвата имала криминално минато. Педесет и осумгодишниот Васил Ефтимов тоа утро заедно со сопругата се нашол на кобното место за да завршат некои приватни обврски. Но, бил убиен со пиштол „глок“ среде бел ден. Од официјалните информации што досега се соопштени, главен протагонист во грозоморниот чин е триесет и деветгодишниот Елвин Куртовиќ, кој, наместо во затворот „Идризово“, од април годинава, бил на улица.

На тесниот паркинг-простор кај „Мавровка“ ги пресретнал сопружниците, го убил Ефтимов со пиштолот, а на жената ѝ ја украл торбата со лаптоп и избегал со „ауди“ без регистарски таблички. На местото на убиството пристигнало и второ возило „ситроен“ со белгиски регистрации, а крадењето продолжило. Дошол уште еден избеган осуденик од затворот „Скопје“ во Шутка и од багажникот на возилото на сопружниците украл гајба со рачен алат и избегал. Сето ова се случувало пред очите на жената, а како главен мотив се соопштува дека е „користољубие“. Поконкретно, сопружниците воделе бизнис и двајцата биле сопственици на две фирми. Ефтимов бил сопственик на компанијата „Мителмонт“, која се занимава со изградба на хидроградежни објекти. Жената, пак, е сопственик на златарницата „Дона ексклузив“, чија дејност официјално е трговија на мало со часовници и накит во специјализирани продавници.

Златото се споменува како главен мотив за убиството. Наводно крадците барале злато, но ниту нашле, ниту, пак, сопружниците во моментот на убиството носеле со нив злато. По убиството, вториот осомничен за помагање во грабежот, Адем Куртовиќ „ситроенот“ го ставил во Гази Баба и се качил во „аудито“ на осомничениот за убиство. Но, во Чаир, на улицата Стојна Стефкова, полицијата ги пресретнала. Додека едниот возел, Елвин Куртовиќ излегол од совозачката врата и пукал кон полицајците, кои сакале да го запрат. Четворицата полицајци испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух и успеале да го приведат осомничениот за убиството. Вториот успеал да им избега, но набргу сам се пријавил во полициската станица „Пролет“.

Во деновите додека се расветлуваше убиството, МВР приведе и трето лице, за кое се утврди дека нема врска со грабежот, кој заврши со убиство и го ослободи. А сега, сѐ уште ја утврдува улогата што ја имал вториот осомничен. Против Елвин Куртовиќ поднесена е кривична пријава за убиство, обид за убиство и неовластено, држење и поседување оружје.

Според информациите од Кривичниот суд, на 17 април, затворот „Идризово“ го известил судот дека Куртовиќ не се вратил од слободен викенд и Министерството за внатрешни работи по него распишало централна потерница. Но, во сите овие околу пет месеци, полицијата не успеала да го најде и да го врати во затвор.

Според информациите што ги имал директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов осомничениот за убиството кај „Мавровка“, требало да лежи в затвор до 2032 година.

Директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски ни потврди дека Куртовиќ бил осуден на единечна казна од 14 години и дека, со оглед на тоа што издржал една третина од затворската казна, добил слободен викенд од кој не се вратил.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости