Скопјанецот Симо Христовски Липски кој пред кафулето РадиоБар со секира ладнокрвно уби куче пред очите на гостите и случајните минувачи беше парично казнет со 60.000 денари.
Липски ги уплатил парите на сметката на здружението Анима Мунди откако Обвинителството го обврзало да ги уплати парите за хуманитарни цели, а со цел укажување помош на животни.
Обвинетиот ја признал вината, искажал каење, а олеснителна околност била и тоа што никогаш претходно не бил осудуван. Од здружението Анима Мунди реагираат дека не се задоволни со казната и дека очекувала Липски да одлежи казна затвор за убиството на маалскиот миленик Издриз.
„Нас оваа казна и овие средства не нѐ радуваат и сакавме да го видиме Липски во затвор, но исто сме свесни дека обвинителот ангажиран на овој случај сторил сѐ што можел, искористил и дискреционо право наместо во Буџетот на РМ средствата бидат наменети во хуманитарни цели, за животните“, велат од Анима Мунди.
Најавуваат дека ќе ги искористат парите за итни случаи во име на кучето Идриз, а сликите и итните случаи ќе бидат одбрани јавно.
„Идриз да спаси други, зошто Идриз не можевме да го спасиме. Можеби судот завршил со Липски, но ние не. Липски ќе биде засекогаш обележан како убиец, кој пред сѐ, е казнет со осудата на целата македонска јавност, кого успеавме да го казниме финансиски со вкупен износ од 1.800 евра, кривично и по Законот за заштита и благосостојба на животните“, се наведува во реакцијата на Анима Мунди.
Симо Христовски Липски на 29-ти април годинава, со секира ладнокрвно го уби маалскиот миленик – кучето Идриз во центарот на градот. Липски од дворот на семејниот дом земал мала секира и метална шипка излегол надвор и откако го забележал, му се доближил на кучето и му задал еден удар со секира и повеќе удари со метална пречка во пределот на главата и од ударите го повредил кучето, го изложил на непотребни маки и нанесени болки кои резултирале со последица смрт.