Штипјанецот Ф.З. (25), која на почетокот на минатиот месец ја уби 29-годишната Емилија Пешева од Штип, се соочува со затворска казна од десет години до доживотен затвор. Вчера Основното јавно обвинителство Штип поднесе Обвинителен акт против него, за кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Убиството се случило во напуштен објект, каде Емилија заминала на разговор со Ф.З., кој по кратка расправија започнал да ја тепа, за да на крај откако паднала на земја, ја задавил со голи раце. Потоа, самиот се пријавил во полиција.
Семејството на убиената жена, која има малолетно дете, во неколку наврати пред камери апелираше да се врати смртната казна, но и да се направат измени во закон. Раскажуваа дека Емилија и во минатото трпела насилство од него, додека биле во врска, го пријавувала во полиција, па потоа се повлекувала. Бараа сигурни казни за насилниците, дури и ако жртвата ја повлече пријавата, бидејќи најчесто се случува пријавата да биде повлечена под притисок на насилникот.
-Тој ќе одлежи пет-шест години во затвор, а потоа пак ќе ни се шета низ градот, додека нашето дете повеќе нема да се врати! Ако бил маж, нека покажувал сила на некој како него, а не на слабо и болно дете рипнал, со раце ја задавил, низ плач појаснуваше Џемиле, мајката на Емилија.
Братот на Џемиле, односно вујкото на убиената млада жена, Есад Сала, исто така бара најстрога казна за убиецот. Вели дека нејзиното дете е оставено да расте и живее без мајка, а целото семејство засекогаш ќе го носи товарот од трагедијата.
-Ние ќе се грижиме за детето на Емилија. Без милост, убиецот и ја зеде душата! Бараме највисока можна казна, вели вујкото на убиената жена.
И нејзиниот татко раскажа дека таа и во минатото трпела насилство од обвинетиот со кого била во врска.
-Ја тепаше, ја малтретираше, кажуваше дека му е сопруга, иако никогаш не беа во брак, истакна таткото на Емилија.
За обвинетиот, кажаа дека во минатото бил пријавуван за насилство пред институциите, но бидејќи жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет.
Случајот ги актуелизираше прашањата околу потреба за измени во Кривичниот законик, кога е во прашање кривичното дело ,,телесна повреда”.
Кога се случи убиството, реагираа и од Левица, од каде побараа стореното кривично дело „телесна повреда“, да нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето да биде целосно препуштено на надлежните органи и да се гони по службена должност, а сторителот да биде со сигурност казнет.
Вики Клинчарова