Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека утре во јавноста ќе покаже опасен видеоспот што го гледал 13-годишниот Коста К., кој во средата уби девет лица – чуварот и осум ученици.
-Дали сте виделе колку содржини има на мрежите со милионски прегледи каде некој повикува дека треба да бидат убиени хејтерите. И убиецот следел еден таков (профил) – дали веднаш треба да го уапсиме и да го осудиме на 15 години затвор?! Малиот тоа го следел, ќе ви покажам, рече Вучиќ на РТС зборувајќи на осомничениот Коста К.
И не е само на Тик-ток, вели тој додавајќи дека видеото кое ќе го презентира е објавено е на Јутјуб.
-Направено е како игра, спот. Во нашата земја е направено. Ова мало момче (Коста К.) тоа го следело, имаме доказ, како со индиго да го пресликал тоа што го направи. И сега ние да ги обвиниме момчињата (кои го направиле видеото) дека се виновни за ова? Дали тоа што го направиле било неодговорно? Да, но за да докажете дека се виновни за убиството мора да покажете директна врска, дека убиецот токму поради тоа и само поради тоа го направил тоа, што е невозможно, вели Вучиќ.
Вучиќ, уште еднаш повтори дека сторителите на злосторствата во училиштето „Владислав Рибникар“ и во Младеновац нема да го видат светлото на денот, односно дека ќе останат во затвор до крајот на животот. .
-Протести бараат оние кои бараат веднаш да го ослободиме детето монструм, да им го вратиме на родителите, дека се е во ред и да чекаме следниот пат да го убие истото. Сметам дека сериозна држава не смее да го дозволи тоа, без разлика дали имаме ваква или онаква регулатива, нека се занимаваат адвокатите, изјави Вучиќ за РТС.
Покрај намалувањето на прагот за кривична одговорност од 14 на 12 години, претседателот рече дека ќе продолжат разговорите со експерти и здруженија за да се види што друго може да се направи.
-Ви кажувам сега како некој кој повеќе нема да биде претседател, туку како некој што ја добил најголемата доверба од народот во толку долги серии години, ви велам, граѓани на Србија, грижете се како ќе решиме ова со социјалните мрежи, бидејќи утре ќе ви покажам нешто што не сте го виделе, рече претседателот.