Убиениот во Чаир е Хабиб Буњаку, син на ексфункционер на ДУИ

by Fokus

Скопјанецот кој вчера беше убиен во претрелка во Чаир е 35-годишниот Хабиб Буњаку, син на Екрем Буњаку функционер од ДУИ.

Пријателите се простуваат од него на социјалните мрежи, меѓу нив е и Мухамед Зекири од СДСМ.

МВР соопшти дека ноќеска во 00.06 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.

По преземени мерки, соопштува МВР, било утврдено дека тие претходно учествувале во вооружена престрелка на подрачјето на Чаир.

Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.

Исто така, по преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави, велат од МВР.

Мотивите за нападот засега не се познати. Неофицијално, се истражува дали станува збор за пресметка поврзана со криминални активности или за личен конфликт што ескалирал во вооружен напад.

Поврзани новости