Жената која утрово беше избодена до смрт во Кочани според досегашните проверки коишто се направени во Обвинителството го имала пријавено напаѓачот во јули за уцена, брифираат од Обвинителството за „Фокус“.
Проверките досега покажале дека жената немала пријави до Обвинителството за закани по нејзиниот живот и загрозување на сигурноста. Сепак, оттаму објаснуваат дека проверките се уште траат за да се утврди дали евентуално имало некоја пријава за закани по живот, па потоа предлогот за кривично гонење бил повлечен од страна на жртвата.
Од Министерството за внатрешни работи, се уште чекаме одговор дали таму имало некакви пријави.
Обвинителството соопшти дека извршен е увид на лице место пред семејната куќа каде беше убиена жената на возраст од 46 години.
-Преземени се сите дејствија, наредена е обдукција на телото на починатата, обезбедени се траги и други докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Од очевидци на настанот извршено е препознавање на осомничениот сторител на кривичното дело, кој е лишен од слобода. Се постапува за расчистување на настанот и за испитување на мотивите, соопштија од Обвинителството.
Според првичните информации, жената била убиена со нож пред куќата во која живеела во Кочани, а лекарите констатирале дека и биле нанесени 40 убоди со нож. Како причина за нападот се објавува изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки. Сепак ова засега се неофицијални причини, официјално мотивите се уште се утврдуваат.
Ф.Ф.С.