Украинската крајнодесничарска политичарка и поранешна пратеничка Ирина Фарион почина во болница од повредите здобиени во атентатот, откако непознат напаѓач ја застрелал пред куќата во која живеела, објави на Телеграм градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, пренесува Укринформ.
„Заедницата на градот Лавов изразува искрено сочувство до семејството и сите кои ја познаваа и сакаа. Ова е многу страшно“, рече градоначалникот.
Смртта на Фарион ја потврди и Наталија Матолинец, раководител на анестезиолошката служба на Првото лекарско друштво на Лавов.
Според неа, и покрај сите обиди, лекарите не успеале да го спасат животот на политичарката.
„Кај нас беше примена во критична состојба со тешка продорна прострелна рана во главата. На одделот за интензивна нега беше извршена операција, а потоа беше префрлена на интензивна нега на понатамошно лекување, но срцето на пациентката не издржа, во оваа ситуација медицината беше немоќна“, вели Матолинец.
Нападот врз поранешната пратеничка и професорка по украински јазик на Националниот универзитет во Лавов е класифициран како обид за убиство, а истрагата за злосторството е во активна фаза, објави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко.
Вчера околу 19:30 часот по локално време непознат маж ја застрелал Фарион, а потоа избегал од местото.
Како што пренесуваат украинските медиуми, напаѓачот ја начекал поранешната пратеничка во близина на куќата, а кога таа излегла, притрчал до неа и ја застрелал.
Фарион работеше 30 години како професорка по украински јазик на Националниот универзитет во Лавов, а беше отпуштена кон крајот на минатата година по изјавите во кои го доведуваше во прашање патриотизмот на припадниците на украинската војска што зборуваат руски и објавувањето на проукраински изјави и приватната е-адреса на студент во Крим, што доведе до негово апсење.
„Дали знаете што е дисциплина во армијата? Ако нема дисциплина во армијата, нема војска. Тоа е толпа!“, рече Фарион, истакнувајќи дека „војниците кои не зборуваат украински може да се нарекуваат Руси“.