Корпусот на иранската револуционерна гарда соопшти дека Исмаил Ханије, политичкиот водач на палестинската екстремистичка група Хамас, прогласена за терористичка организација од страна на Соединетите Држави и ЕУ, е убиен во Техеран во напад за кој го обвини Израел.
Хамас ја потврди веста во објава на својот канал Телеграм на 31 јули. Допрва треба да има потврда од израелската страна.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас веднаш го осуди убиството, според палестинската државна новинска агенција ВАФА.
Ханије беше во Техеран за да присуствува на церемонијата на инаугурација на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан на 30 јули.
Претходно, на 30 јули, Израел тврдеше дека го „елиминирал“ Фуад Шукр, милитантниот командант на Хезболах за кој Израел тврди дека стои зад ракетниот напад викендов во кој загинаа 12 израелски млади луѓе.