Убиен израелскиот градоначалник кој во Битола годинава организираше конференција за храброста на жените

by Fokus

Офир Либштајн, израелскиот градоначалник кој беше во Битола на 80- годишнината од депортацијата на македонските Евреи, загина денес во борба со терористите на Хамас, пренесува Макфакс.

Во март годинава, тој од Израел дојде заедно со Рахел Шели Леви Друмер, македонска Еврејка, внука на доктор Хаим Абраванел, чие име го носи Здравствениот дом во Битола.

„Загубивме голем поддржувач на македонските Евреи и на малите еврејски заедници во Европа. Офир ја организираше конференцијата во Битола ’Од Естер до Естер, за храброста на жените’ во март годинава, а сакаше да дојде и следната година на одбележување на годишнина од депортацијата на македонските Евреи.

Беше градоначалник на Шаар Ханегев, тоа се сите населби околу границата со Газа. Беше вистински лидер. Веруваше дека ќе биде мир во соработка со граѓани од двете страни на границата. Беше убиен денес кога излегол да се бори и да ги брани своите граѓани. Ова е голема загуба за народот во Израел и за Евреите наши од Македонија“, вели Рахел Шели во изјава за „Макфакс“.

Локалните власти утрово соопштија дека Либштајн бил убиен за време на борбите со терористите на Хамас.

Фото: Макфакс

Поврзани новости