Не престануваат реакциите на вознемирената јавност по трагедијата во која вчера животот го изгуби 24-годишната Викторија Н. од Радовиш, откако во неа удри 22-годишник со џип на пешачки премин во Скопје. Низа на сведоштва за слични ситуации доаѓаат од граѓаните, кои бараат соодветна одговорност за секој прекршок со цел да се стави крај на трагедиите предизвикани од несовесност и човечки грешки.
Популарниот фолк пејач Јордан Митев, кој по потекло е од Општина Радовиш, по повод настанот потсети на настанот со неговата мајка и близок роднина, кога пред две години биле удрени од возило додека стоеле на тротоар.
Како што раскажува Митев, возачот- млад доктор, син на докторка, побегнал од местото на несреќата, оставајќи ги повредените да лежат на земја, а откако конечно бил фатен од полицијата, поминал со казна од три месеци затвор.
-Колку вреди човечкиот живот?! Хм, најверојатно кај нас вреди многу малку. Во развиените земји животните имаат поголема вредност…За жал.
Пред две години мојата мајка, заедно со еден наш роднина стоејќи на тротоар, младо пијано докторче со својата кола, ги подбира и двајцата од тротоарот. Ги удира и побегнува без да застане и пружи помош. Како кучиња ги остава на патот. Среќа останаа живи.
Мајка ми со скршена рака, роднината со скршена нога и дополнителни компликации. За иронијата да биде поголема, докторчето (убав на мајка) е син на докторка која работи во Подареш, која пак беше матичен доктор на мајка ми.
Без грам доблест и одговорност, се криеа се додека полицијата не докажа со силни докази дека вистина тој го има направено делото. На кај, и дадоа некоја минимална оштета колку да не биде без ништо, а докторчето убав на мајка, кој утре ќе лекува луѓе и ќе биде одговорен за човечки животи со три месеци затворска казна, за која што се сомневам дали и таа ќе си ја одлеже. На нас само дебели казни, да ни дојде паметот.
Како знаеме од Табановце нагоре да бидеме и културни и да почитуваме се што треба, па нормално, таму нема ,,убав на мајка”, Си направил прекршок, ќе одговараш и ќе си платиш. Сочувство до фамилијата во Радовиш- порача Митев.