Турската полиција уапси лице осомничено дека ја поставило бомба што експлодираше во пешачката зона во центарот на Истанбул во неделата, при што загинаа најмалку шест, а беа повредени десетици луѓе, соопшти N1, цитирајќи ги Ројтерс и ДПА.
Бомбата експлодираше во неделата околу 16:20 часот по локално време на авенијата Истиклал, улица со бројни кафулиња, ресторани, кина и продавници.
Според достапните податоци како што пренесува медиумот, најмалку шест лица загинале во експлозијата, а 81 лице е повредено, од кои двајца потешко.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди „кукавичкиот напад“ во неделата.
„Првите информации упатуваат на заклучок дека се работи за тероризам“, рече Ердоган.
Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот.
Утринава министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави, според извештајот на државната телевизија ТРТ, дека полицијата го уапсила лицето кое ја поставило бомбата.
Осомничено е лице поврзано со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), јави ТРТ.
Во ЕУ и во САД, ПКК има статус на терористичка организација, забележува агенцијата ДПА.
Авенијата Истиклал исто така беше цел на терористички напад во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39 лица Турската влада тогаш објави дека напаѓачот е поврзан со групата Исламска држава, но не ја презеде одговорноста, посочува ДПА .